Најпопуларен вид на фикус со мали листови е бенџаминот.
Ова растение може да порасне во големо разгрането стебло, ако ги преживее првите три месеци на прилагодување. Не му одговара секој простор, и мора да се внимава додека е растението младо. Никако не смее да биде на провев, а потребно му е повеќе светлина, бидејќи листовите ќе почнат да пожолтуваат и да паѓаат.
Треба да се внимава на правилно залевање. Во зима залевајте го секој десетина дена, а во лето од прилика два пати седмично. Никако не дозволувајте да стои во вода. Петнаесет минути по залевањето, одлијте го вишокот вода од подлошката.
Во текот на пролетта и летото прихранувајте го еднаш месечно со течно ѓубриво за собни лисести растенија.
Повремено оросувајте му ги листовите.
Пресадувајте го секоја година. Подоцна, кога веќе е во голема саксија, нежно тргнете го горниот слој земја, и заменете го со нов.
Ако сакате да му го ограничите растот, обрежувајте го, и тоа најдобро да биде во пролет. Одрежаните врвови може да ги користите за размножување. Земете резница од околу 10 см која има два пара на листови. Стебленцето одрежете го косо веднаш под долниот пар листови, а потоа и нив отстранете ги, така да остане само еден пар листови. Оваа резница насадете ја во земја до листовите. Чувајте ја на топло и светло место и редовно полевајте ја и набрзо ќе има нови ливчиња.