Ова трајно растение со својата висина и интересните цветови сигурно ќе го привлече вниманието. Посадете го на средина на градината како растение солитер или на место каде нема да им пречи на малите растенија бидејќи расте повеќе од метар во висина. Може да го посадите на сончево место или во лесна сенка, а почвата нека биде малку кисела (додадете тресет).
Цвета од почетокот на јуни, а со редовно режење на овенатите цветови цветањето може да се продолжи до септември. Цветовите се најчесто розови, виолетови, црвени, жолти, бели, а постојат и вариетети во две бои.
Се размножува со млади резници во март. Од матичното растение се зема младо со неколку листови и корен и се пресадува. Може да се размножи и со семе кое се сее во февруари под стакло и се пресадува во градината кога растението ќе зацврсне.
Презимува и на ниски температури, но сепак се препорачува да се покрие.