Лобелијата е мало и нежно растение со овални листови, а цветчињата може да бидат бели, розови, сини, виолетови и со „око“ во бела боја. Расте како грмушка која малку се свива надолу, па затоа делува многу декоративно посадена на работ на поголема саксија каде има други поголеми растенија. Таа ќе ја покрие земјата и ќе виси преку работ околу 15 сантиметри. Исто така може да ја садите на работ на патека, во сандачиња или висечки саксии, на сончево или место со лесна сенка.
Треба редовно да ја полевате и да ја одржувате земјата влажна. Повремено прихранувајте ја бидејќи сака богато, хумусно тло. Ако почне да цвета малку послабо тогаш ишишајте ги врвовите за 3-4 cm за да почне одново да цвета.
Се размножува со семе. Најдобро е да го посеете во ‘ртилиште и да ги пресадите младите растенија на отворено кога ќе помине опасноста од мраз. Секогаш садете по неколку млади растенија заедно за грмушките да бидат убави и густи и задолжително пинцирајте ги врвовите кога ќе бидат високи околу 3 cm.