Ова едногодишно растение потекнува од Италија, Сицилија и Крит. Основниот вид е ползавец со исклучително мирисни цветови во нијанси на розова и виолетова боја. Денес постојат многу вариетети со различна боја на цветовите кои се одликуваат со помалку или повеќе изразен мирис, а може да бидат како грмушки или ползавци. Главно тоа се видови со многу крупни цветови кои во текот на многуте селекции го изгубиле мирисот. Се одгледуваат и како режено цвеќе бидејќи растат на долги цветни дршки со висина до 250 cm.
Се одгледуваат од семе кое се сее од зима до пролет на длабина од 1 cm, а на растојание од 5 cm. Во текот на зимата сеидбата е во стакленици, а по ‘ртењето младите растенија се чуваат на светло и студено место. Кога земјата надвор ќе почне да се загрева се пресадуваат на сталното место на растојание од 25-30 cm. Во текот на пролетта семето може да се посади на сталното место надвор, но треба да внимавате да не се исуши земјата. По развојот на првиот или вториот пар ливчиња треба да се скине врвот за да почнат да се развиваат странични пупки и да се добијат повеќе изданоци, а со тоа и повеќе цветови.
Посадете ги на директно место или во полусенка, а почвата треба да биде плодна, влажна и растресита. На видовите кои се ползавци треба да им се обезбеди потпора. Цветаат цело лето, а периодот и интензитетот на цветање може да се продолжи со редовно отстранување на прецветаните цветови. Со оваа постапка се спречува трошењето на енергија на растението за создавање на семе и се пренасочува во создавање на нови цветови.