Бромелијата потекнува од прашумите на Јужна Америка, а името го добила по скандинавскиот ботаничар Оланс Бромел. Во татковината живее на дрво како епифит. Коренот е слабо развиен, некои видови речиси и немаат корен, а тој првенствено служи за да се прицврсти на дрвото на кое живее растението.
Листовите се дебели, кожести, наредени како розета со инка во средината во која бромелијата ја складира водата и од таму ги црпи сите материи потребни за живот. Се додека инката е исполнета со вода таа ќе го толерира и сувиот воздух во затворените простории. Цветовите се најчесто ситни и неугледни, но затоа листовите во центарот на розетата се прекрасно обоени.
Посадете ја во грубо издробена тресетна земја. Поставете ја на сенковито место бидејќи директно сонце и штети. Во зима, кога е послабо сонцето, преместете ја на светло место, а во март вратете ја на сенка. Прихранувајте ја на секои 15 дена со течно ѓубриво, директно во инката.
Најлесно се размножува со издвојување на младите растенија кои кај повеќето видови се појавуваат покрај матичното растение.