Еве неколку основните карактеристики на ладилникот кои треба да се имаат предвид при неговиот избор:
Начини на ладење кај ладилник
Постојат три начини на ладење:
•
статичко ладење – начин на ладење без кружење на воздухот, со што во ладилникот има зони со различни температури. Најстудено е над горната полица, а најтопло е веднаш до вратата, со што соодветни видови на артиклите се чуваат во различни температурни зони.
•
динамичко ладење – во ладилникот се вградени вентилатори кои овозможуваат кружење на воздухот во внатрешноста на ладилникот, со што се постигнува изедначена температура и побрзо ладење на артиклите .
•
“No Frost” систем – во внатрешноста кружи ладен и сув воздух, кој ја собира влагата од внатрешноста и ја изнесува надвор од ладилникот, со што се спречува појава на мраз во ладилникот. Со ова се постигнува заштеда на електрична енергија, бидејќи појавата на мраз значи и поголема потрошувачка на електрична енергија.
На што треба да се обрне внимание при купување на ладилникот?
Зафатнина на ладилникот – доколу вашето домаќинство е помало, изберете помал ладилник, во кој полиците нема да бидат празни и нема да се троши непотребна енергија.
Генерално, за двочлено семејство зафатнината треба да изнесува од 100 до 200 литри, а за четиричлено од 200 до 250 литри.
Дали ладилникот има “свежа зона” (на околу 0°C) – во оваа зона температурата е најсоодветна за чување на чувствителните артикли како што се месо, риби, свежо овошје и зеленчук. Времето на траење на овие артикли при чување во свежата зона се продолжува за 5 пати.
Дали има опција за звучни и оптички сигнали, кои предупредуваат на несоодветна температура во ладилникот поради дефект, неправилно подесување или отворена врата на ладилникот.
Енергетска ефикасност – во класата А се наоѓаат ладилници кои се енергетски најефикасни, а во класата G оние кои се најмалку ефикасни. Ладилниците се апарати кои работат непрекинато, па затоа е добро да се избере класа А. Овие ладилници се малку поскапи, но инвестицијата ќе се исплати преку заштедата на електрична енергија.
Место на поставување – температурата на просторот пожелно е да е ниска, со што се намалува потрошувачката на електрична енергија. Не го поставувајте на место каде што ќе биде изложен на директна сончева светлина, или покрај радијатор или печка.
При поставувањето на ладилникот треба да се обезбеди доволен простор од задната страна, што ќе обезбеди ладење на кондензаторот. Во спротивно, кондензаторот се загрева, што предизвикува зголемена потрошувачка на електрична енергија и појавување на дефект.