
Ова е тропско украсно растение од фамилијата Araceae кое
потекнува од Филипините, Борнео и Индонезија. Има темнозелени сабјести
листови кои се прошарани со разнолики сребрени шари и долги околу 15 до
20 сm.
Аглаонемата е совршен спој на убавина и практичност. Со своите елегантни
листови, лесна нега и долг животен век, тоа е растение кое може да го
збогати секој ентериер.
Покрај декоративната вредност, ова растение има
и способност да го прочистува воздухот, што го прави популарен избор за
домови и канцеларии. Благодарение на тоа што добро се снаоѓа во услови
со малку светлина, може да се постави во агли каде другите растенија би
имале потешкотии. Со својата тропска естетика внесува свежина и
елеганција во секој простор.
Ова растение најдобро успева во сенка или полу сенка, но може да ја
поднесе и сончевата светлина. Температурата треба да биде над 15°C, а почвата богата и добро дренирана. Сака влага, па
совет е во летните месеци да се полева двапати неделно, додека во
зимските доволно е еднаш неделно.
Не дозволувајте да остане вода во подлошката. Ако листовите почнат да
жолтеат, тоа значи дека премногу ја залевате, или е во престудена
просторија.
За да растението биде здраво и бујно, препорачливо е да се додава течна
прихрана. Во текот на пролетта и летото прихранувајте ја еднаш месечно
со разредено течно ѓубриво за лисести растенија, и оросувајте ги
листовите еднаш до двапати седмично. Не користете средства за сјај на
листовите, бидејќи само ќе и наштетат. Листовите бришете ги со мокра
крпа за да ги исчистите од прашина.
Се размножува со одвојување на младите изданоци од матичното растение.
Во почетокот на пролетта кога ќе ја пресадувате, извадете ја од
саксијата, и нежно одвојте го младото растение заедно со коренчето.
Посадете го во друга саксија со ровка земја бидејќи аглаонемата не сака
збиена земја. Наскоро ќе потера млади ливчиња. Може и главниот корен да
го раздвоите на помали делови, и да ги насадите во повеќе саксии.