
Каланхоата е вистинското растение за сите оние љубители на цвеќиња
кои немаат знаење за одгледување на растенија, и кои велат дека тоа
не им оди од рака. Идеална е за сите заборавени и презафатени кои
забораваат на растенијата во својот дом, бидејќи ако ја оставите жедна
некој ден, таа сигурно нема да ви замери.
Ја има во повеќе бои: бела, портокалова, розова, црвена, виолетова,
жолта... Расте од 10 до 30 см, така да веројатно ќе најдете место за неа.
Во зима цвета сместена на јужниот прозорец, а во лето на тераса. Најдобро
се развива во лесна, добро дренирана почва која е мешавина од универзална земја за
цвеќиња со песок или перлит, која овозможува брзо истекување на водата и
спречува задржување на влага околу корените.
Единствено на што треба да внимавате е залевањето, бидејќи е
сукулент. Залевајте ја секои 12-15 дена во зима, а 7-10 дена во лето.
Најдобро е да ја допрете земјата, и кога е таа сува и растресита, да
ја залеете. Ако забележите дека е тажна, со навалени листови, а во
земјата се појавила и мувла, тогаш сте претерале. Отстранете ги гнилите
гранки, оставете ја да осуши, и веројатно ќе се опорави.
Никогаш не ги оросувајте листовите бидејќи каланхоата е сукулент со месести лисја кои складираат вода.
Влага на нивната површина може да предизвика гниење, појава на габични заболувања и жолтеење на листовите.
Се размножува од семе и со помош на резници, но многу поедноставно
е со резници. Тоа се всушност млади изданоци на кои имало цвет.
Затоа е потребно овенатите цветови редовно да ги режете до
листовите. Резниците нека бидат долги околу 10 см со два пара листови.
Отстранете го долниот пар листови, и забодете ја резницата во земја.
Чувајте ја на топло, влажно и светло место.
Каланхоата најдобро е редовно да ја обновувате, бидејќи по околу две години таа
може да делува малку неуредно, па затоа може да ја замените со нова.
-->