| Базени:
Вовед
Инвестиција, димензии и форма на семеен базен
Позиционирање на базенот
Армирано-бетонски базени
Готови базени од пластични маси
Монтажни базени
Одржување на базени
Опрема за базени
|
|  |
| Позиционирање на базенот
Фактор кој силно влијае на карактерот на базенот е неговата местоположба. Базенот сместен во дворот како отворен базен има свои предности, но и недостатоци, што е случај и со покриениот базен сместен покрај самата куќа или во неа. А постои и компромисно решение кое претставува комбинација на двете опции: покриен базен со подвижен дел на кровот и на ѕидовите.
Надворешни, отворени базен
Најголемиот недостаток на отворениот базен е неговиот сезонски карактер и поврзаноста на неговата употреба со временските прилики. И покрај ова, многу факти зборуваат во прилог на отворен, дворен базен:
• пријатното чувство при употреба на базенот во лето е незаменливо
• самото присуство на базенот значително го збогатува изгледот на дворот и куќата
• базенот создава ефект на освежување во врелите летни ноќи
• градењето на отворен базен е технички поедноставен потфат
• финансиските средства за греење на водата се сведуваат само на догревање на водата кое се врши по потреба.
Треба да се води сметка дека отворените базени на крајот на сезоната треба да се конзервираат до почетокот на новата сезона.
При изборот на местото каде што ќе се гради базенот во дворот треба да се обрне внимание на неколку важни детали. Во непосредна близина на базенот не би требало да има листопадни растенија или грмушки поради тоа што листовите кои ќе отпаѓаат непосредно го оптоваруваат системот за филтрирање, а истотака и го продолжуваат времето на одржување.
При определување на местоположбата треба да се земат предвид насоките на доминантните ветрови. Доколку е можно, најдобро е базенот да се постави во заветрина. Всисните елементи за циркулација на водата (скимери) треба да се вградат така што доминантните ветрови би го потпомагале исфрлањето на нечистотиите од површината на водата во уредот за филтрација.
За изградба на базенот важен елемент е и квалитетот на тлото. Базенот никако не смее да се гради на насип. Висока подземна вода, присуство на мил или било какво сомневање во хомогеноста на тлото бара задолжителна консултација и стручно мислење на статичар.
Базенот никако не смее да биде сместен во депресија, односно во понискиот дел на дворот. Напротив, пожелно е тој со околното плато да биде поиздигнат од останатиот терен. Ова е важно за да се избегне валкање на базенот, со што ќе се олесни неговото чистење и одржување.
За крај, треба да се истакне дека положбата на базенот во однос на куќата и евентуално други објект треба да овозможи естетска и функционална ускладеност.
Внатрешни, затворени базени
Внатрешен, затворен базен во склоп на куќата нема сезонскиот карактер и времето на користење се продолжува и трае во текот на целата година. Исто така одржувањето на затворените базени, поради отсуството на надворешните фактори е поедноставно.
Покрај овие предности треба да се знае дека градењето и одржувањето на затворениот базен во техничка смисла е далеку посложен зафат, а и претставува поголема инвестиција. Поради специфичните микроклиматски услови кои владеат во просторијата каде што е вграден базенот, уште при самото проектирање, а подоцна и при изградбата треба да се води сметка за термоизолацијата и хидроизолацијата, ускладувањето со останатиот дел од куќата и секако изборот на соодветни градежни материјали. Треба да се знае дека температурата на воздухот во просторијата каде што е предвиден базенот треба да биде најмалку 2oC поголема од посакуваната температурата на водата, односно доколку посакувана температура на водата е 28oC, значи дека температурата на воздухот треба да биде 30oC.
Освен тоа, посебна проблематика кај затворените базени е и зголемената релативна влажност во воздухот. Овој проблем се решава со вградување на правилно поставен дехумидатор кој ја одржува релативната влажност на околу 60%. Но и покрај ова на површините кои не се термички изолирани доаѓа до кондензација на вода. Токму поради овие причини важно е во почетната фаза на изградбата на затворениот базенот да се води сметка за повеќе фактори и јасно да се дефинираат условите на користење на базенот. Посебна специфичност кај затворените базени претставува испарувањето на хемикалиите со кои се кондиционира водата во базенот. Најголем проблем претставува хлорот кој продира во ѕидовите и со своето корозивно дејство и штети на арматурата. Токму поради сите овие факти не треба да се размислува за употреба на затворениот базен без да се предвиди соодветно решение за климатизација.
Може да се заклучи дека евентуалното компромисно решение на комбиниран базен со делумно подвижен кров или ѕидови би било идеално поради тоа што во оваа ситуација би можело да се искористат најдобрите погодности на едниот или другиот тип на базен. Сепак, вакво решение до таа мера е сложено и скапо што се поставува прашањето на рентабилност - дури и до таа мера да се споредува со изградба на два базена: еден затворен и еден отворен.
|
|