| Базени:
Вовед
Инвестиција, димензии и форма на семеен базен
Позиционирање на базенот
Армирано-бетонски базени
Готови базени од пластични маси
Монтажни базени
Одржување на базени
Опрема за базени
|
|  |
| Армирано-бетонски базени
Според конструкцијата, главни типови на базени се:
• армирано-бетонски, кои се изградени или излиени на самото место
• претходно лиени базени, направени од специјални пластични маси
• монтажни базени со пластична оплата и ПВЦ лајнер
• монтажни базени со челична оплата и ПВЦ лајнер
Армирано-бетонски базени
Изградбата на базени со армирано-бетонска конструкција претставува класичен начин на изградба на базен. Најголема предност на армирано-бетонските базени е што практично постои неограничена можност за варијации во поглед на формата и длабочината на базенот. Притоа треба да се напомене дека секое отстапување од класичната правоаголна форма повлекува со себе посложена изведба и поголема инвестиција. Најважни ставки при изработка на овие базени се обезбедување на еластичност (со што се спречува појава на пукнатини) и водонепропусност на конструкцијата.
За да се обезбеди водонепропусност треба да се земат во предцид многубројни фактори, како што се обликот на базенската школка, составот и хомогеноста на тлото, климатските фактори, евентуалните неповолни влијанија на мраз итн. Кај базените
не смее да се дозволи појава и на најмали пукнатини. Самиот хидробетон кој се вградува во базенот мора да биде миксер-бетон на одредена марка со адитиви за водонепропусност. Покрај тоа, самиот хидробетон самиот по себе не ја обезбедува водонепропусноста, па затоа треба да се внимава на следното:
• ѕидовите на базенот да не бидат потенки од 20cm;
• при вградување бетонот треба постојано да вибрира со цел да се избегне создавање и на најмали шуплини.
Бетонирањето на подот и ѕидовите најдобро е да се направи наеднаш. Доколку ова не е можно, дозволено е леење на основата и ѕидовите на базенот во период од неколку дена. Во овој случај, задолжително треба да се вгради дилатациска лента која со едниот дел ќе биде на основата, а со другиот дел на ѕидот на базенот. Освен тоа, пред да се продолжи со бетонирање основната плоча треба да се премачка со специјален премаз за продолеток на бетонирањето кој ќе овозможи апсолутно прилепување на свежиот бетон до претходно поставениот бетон. Честа грешка е и употребата на дрвени клинови во функција на одстојници помеѓу надворешната и внатрешната оплата. За оваа намена треба да се користат исклучиво челични отстојници.
После врзувањето и потребниот период на “зреење” на бетонот се отстранува оплатата и се изведува тест за водонепропусност. Ова е задолжително, особено доколку базенот се наоѓа во близина на стамбен објект или се работи за базен во куќа каде што евентуално пропуштање на базенот може да има последици.
Пробата на водонепропусност се изведува на тој начин што се затвораат сите отвори на базенот, базенот се полни со вода, па во период од пет дена се следи нивото на водата. Дозволениот губиток на вода прецизно е дефиниран со прописи. Доколку се утврди протекување на вода само на мала површина постојат средства со кои овој проблем релативно лесно се решава. Доколку пак се утврди поголем обем на протекување треба да се прејде на нанесување хидроизолационен слој на целата површина базенот. Притоа треба строго придржување до упатствата на производителот, како во поглед на подготовка на подлогата, така и во поглед на нанесување на хидроизолациониот слој.
Освен овој класичен начин на изработка на армирано-бетонските базени постои и друг начин кај кого школката се изведува од бетон, но не од водонепропусен. Бетонирањето може да се изведе со шаловање или со ѕидање и со засипување со бетон врз шалунг блоковите со соодветно армирање. И кај овој начин треба да се води сметка за еластичноста на конструкцијата, бидејќи и во овој случај не се допушта појава на пукнатини. Водонепропусноста кај овие базени може да се постигне на повеќе начини:
• Со нанесување на водонепропусен премаз – иако е најефтин начин, проблемот се јавува на местата каде се вградува хидротехничката опремата, кај кои е тешко да се постигне водонепропусноста. Истотака, со примена на ефтини водонепропусни премази се добива сомнителнен квалитет на изведба и век на траење.
• Со нанесување на премаз од полиестер со арматура од стаклени влакна
• Со обложување на базенот со специјална армирана фолија
Иако овие начини на градење на базенот во изминатиот период биле повеќе или помалку застапени се поставува прашањето на рентабилноста на овие потфати, од причина што денес на пазарот се нудат различни облици на готови или префабрикувани базени кои се многу поефтини и чие вградување се изведува за покусо време.
Материјали за обложување на бетонските базени
Со завршувањето на бетонирањето и со успешното тестирање на водонепропусноста се завршува една фаза од градењето на базенот. Конечниот изглед и карактерот на базените го дава материјалот со кој базенот е обложен. Често постои мислење дека материјалот за обложување ја обезбедува и водонепропусноста. Тоа може да биде случај само кај определени материјали како што е специјалната ПВЦ фолија (која се заварува на самото место, секако со обезбедено заптивање на сите вградени елементи) или евентуално со армирано-полиестерски премаз (со кој веројатноста дека ќе се обезбеди заптивање на вградените елементи е помала). Бидејќи финансиските средства кои треба да се издвојат за овие материјали многу често се слични со оние кои се издвојуваат за обложување на базенот со керамика или со стаклен мозаик, а по завршниот изглед и трајноста ни приближно не можат да им конкурираат, се смета дека нивната примена е оправдана само во случај на санација на постоечки базени кога поради нарушена водонепропусност потребно е да им се продолжи векот на траење. Од сите останати материјали, а тука првенствено се мисли на специјалните бои за базени, специјалните керамички плочки или стаклениот мозаик не треба да се очекува водонепропусност, па затоа пред нивно обложување треба да се провери водонепропусноста на конструкцијата на базенот.
Бои за базени -
Најефтин начин на завршување на базенот е негово бојадисување. Иако на прв поглед изгледа како едноставно решение, сепак треба да се земат предвид неколку факти. Водата во базенот за да остане хигиенски и бактериолошки исправна, таа треба да биде изложена на хемиско кондиционирање. Бидејќи ваквата вода е корозивна, релативно брзо ќе влијае на изгледот и квалитетот на бојата, па така бојадисувањето ќе треба да се изведува често, а најмалку ќе треба да се повторува на секои две години. Секое бојадисување бара и обемни подготвителни активности во смисол на подготовка на подлогата, најчесто со пескарење. Исто така, важно е каква боја се употребува. Обичните бои за бетон од токсиколошки аспект не ги задоволуваат условите за користење во базените, па затоа треба да се употребуваат специјални, кои е најчесто двокомпонентни бои кои се специјално подготвени за бојадисување на базени. Кога ќе се земе предвид дека обоениот базен релативно кратко го задржува убавиот изглед, дека бојадисувањето заедно со подготвителните активности треба релативно често да се прави, се доаѓа до сознание дека иако претставува најмала инвестиција, после 10 години ја достигнува инвестицијата која би била потребна за обложување на базенот со плочки или стаклен мозаик. Затоа се наметнува прашањето: дали сме доволно богати за да прибегнуваме кон ефтини решенија?
Керамички плочки -
Керамичките плочки претставуваат еден од најелегантните материјали за завршно обложување на базените. За да базенот навистина биде елегантен и долготраен, треба да се знаат неколку факти.
За да керамичките долго го задржат убавиот изглед и боја не треба да се заборават условите на средината во која ќе бидат поставени. Поради фактот дека водата во базенот е хемиски кондиционирана, треба да се користат ислкучиво специјални плочки кои можат да ги поднесат тие услови. Освен тоа, базенските плочки се произведуваат со одредени стандардни димензии со широка палета на фазни елементи како што се агли, кривини, контракривини, фазни елементи за скали, преливни канали итн. За да базенот кој е обложен со керамички плочки ја оправда својата инвестиција и ја пружи очекуваната елеганција важно е овие елементи да се земат во предид кај сите фази на изградбата, а особено кај базените со неправилна форма, со вградени римски скали итн. Исто така неопходно е внимателно проектирање, прецизна изведба на градежните работи, стручно лепење на керамичките плочки со примена на подготвителни маси и лепила исклучиво препорачани од производителот на плочките кои ќе овозможат заштита од мраз и очекувана долготрајност.
Стален мозаик -
последните години присутноста на стаклениот мозаик е во нагорен тренд, а дури и во блага доминација како материјал за завршно обложување на армирано-бетонски базени.
Со широка палета на бои и комбинации, како и со големиот избор на декорации нуди широки можности што допринесуваат за луксузот и елеганцијата на базенот. Од друга страна, форматот на мозаикот овозможува многу поедноставно поставување дури и кај базените со неправилен облик, со што се губи потребата за инсталирање на одредени фазните елементи, што секако го намалува нивото на инвестиција. Поставувањето на мозаикот бара стручност на керамичарот, како и задолжителна примена на маса за лепење и фугирање која е пропишана од производителот, што претставува гаранција за долготраен и екслузивен изглед на базенот.
|
|