
За да се усоврши работата на клима-уредите на ниски температури, се дошло до развој на т.н. инвертер, уред кој овозможува многу подобра работа при греење во зимски услови и на надворешни температури од -15 °C.
За разлика од класичниот клима-уред, каде компресорот или работи или не работи, кај инвертерот има неколку моќности (брзини на работа на компресорот), па така со доближување на температурата која сме ja избрале, се намалува моќноста, а со тоа и потрошувачката на електрична енергија.
Да ја споредиме работата на два клима уреди: инвертер и стандарден клима-уред. Инвертерот на старт работи со 6000 врт/мин, со што брзо ја постигнува посакуваната температура, а потоа истата ја одржува со работа на компресорот од само 1000 врт.мин, што овозможува заштеда на електрична енергија. Од друга страна, стандардниот клима уред работи на константни 3600 врт/мин.
Инвертерот е клима-уред кој има електронски управлив компресор, со што има можност за промена на бројот на вртежите, а со тоа и на притисоците со кои работи. Со промена на фреквенцијата на струјата кон компресорот се менува и брзината на работење.
Како заклучок може да се каже дека инвертерот во однос на класичниот клима-уред има неколку предности:
- за околу 30% поекономична работа;
- попријатно чувство во просторијата поради постабилно одржување на температурата;
- стартниот период е за околу 30% пократок;
- зголемена ефикасност на греење при температури и до -15 °C.