
Свежиот воздух влијае поволно на човечкото здравје и доброто расположение. Со редовно и правилно проветрување се отстрануваат штетните гасови, вишокот на влага која може да предизвика појава на мувла, непријатните мириси - фактори кои делуваат неповолно на здравјето на домашните, но и на самиот објект.
Правилното проветрување е нужност, особено во зимските месеци кога секое отворање на прозорецот значи и загуба на топлина во просторијата.
Количеството на влага, односно водена пареа која воздухот може да ја прими зависи од неговата температура. Колку е поголема температурата на воздухот, толку тој може да прими повеќе водена пареа. Ако просториите не се доволно проветрени, може да дојде до заситување на воздухот со водена пареа и појава на кондензација на постудените површини, како што се прозорците и надворешните ѕидови. Кондензацијата е поприсутна кога просторијата не е доволно загреана и кога влажноста е зголемена. Сушењето алишта во просторијата е една од главните причини за зголемена влажност, па затоа доколку е можно, тие треба да се сушат на отворено.
Штом почувствувате зголемено количество на влага во воздухот или почувствувате дека воздухот е застоен, време е за проветрување.
Во зима проветрувањето се врши кога е воздухот е почист со ширум отворени прозорци, а не „на кип“. На овој начин ќе проветрите без преголема загуба на топлина. Проветрувањето „на кип“ се користи обично од месец мај до септември, кога надворешните температури се повисоки.
Ако сакате да го проветрите целиот стан, отворете ги сите прозорци три минути. Во спротивно, отворете ги само прозорците во просториите во кои престојувате (4-7 минути), а вратата на просторијата затворете ја.
Просториите во кои не поминувате време не е потребно секојдневно да ги проветрувате бидејќи тоа се прави индиректно, во помал обем, преку фугите на прозорците.
Времетраењето на проветрувањето прилагодете го на временските услови. При пониски надворешни температури, тоа нека трае пократко.
Помрднете го мебелот најмалку 5 сантиметри од ѕидот. Големите парчиња мебел ја спречуваат циркулацијата на воздухот и допринесуваат за појава на мувла во услови на зголемена влажност, особено кога станува збор за надворешни ѕидови.
Спалната соба проветрете ја веднаш после станувањето за да влагата не се впие во ѕидовите и мебелот.