Појавата на подигање на паркетот e предизвикана од зголемувањето на волуменот на дрвените ламели во услови на зголемена влажност.
Доколку паркетот, од горната или долната страна, е изложен на вода или зголемена влага која продира во дрвото, дрвените летвички почнуваат да набабруваат, а паркетот на тоа место почнува да се подигнува.
Притоа, деформацијата на летвичките во услови на зголемена влажност зависи и од видот на дрвото. Така на пример, таа е многу поизразена кај буковиот паркет отколку кај дабовиот паркет.
Во случај на подигнување на паркетот, треба најпрво да се отстрани причината. Доколку подигнувањето нема зафатено поголема област, по отстранување на изворот на зголемена влага, треба да се почека неколку дена за да паркетот се спушти.
За жал, најчесто тој нема да биде во идеалната состојба во која бил пред подигнувањето. Состојбата може да се ублажи со поставување на потежок предмет на тоа место. Во случај да не сте задоволни од естетскиот изглед, паркетот треба да се пререди, со претходна соодветна обработка на летвичките.
Треба да се знае дека паркетот наместен како „рибина коска“ е поотпорен од појавата на подигнување во однос паркетот со летвички во редови.
Доколку паркетот е заштитен со водоотпорен лак, кој не е оштетен, тој ќе пружи заштита од навлегување на водата и појава на издигнување. Сепак, ако забележите вода на паркетот, најдобро е веднаш да се пребрише паркетот со сува крпа и да се отстрани водата, а со тоа и опасноста од подигање.