
Ова луковичесто пролетно растение има гроздести цветови кои растат на врвот на стеблото. Потекнува од Европа, па може да го најдеме самоникнато и на нашите простори. Високо е од 15-35 cm и се сади на почеток на градината, за обрабување или во камењар. Исто така може да се посади и во саксии или жардинјери.
Се наоѓа во различни нијанси на сина, бела и виолетова боја. Постојат сосема едноставни цветови, а и такви кое се во два слоја или се неуредни. Зависно од вариететот цвета од почетокот на пролетта па до мај.
Сака сончево место или лесна полусенка, а почвата треба да биде добро дренирана. Луковиците обично се садат во ноември за да цветаат следната пролет. Се садат на длабочина од околу 7 cm, на растојание од 10-15 cm. Откако ќе прецветаат не треба да ги вадите од земјата бидејќи се отпорни. Се размножуваат со делење на луковицата на секои три години, и тоа во есен.