
Ова растение спаѓа во фамилијата Araliaceae, а потекнува од приморските делови на Јапонија и јужна Кореја. Не бара премногу внимание, а внесува декорација и свежина во просторот.
Името на родот „Fatsia“ потекнува од стариот јапонски збор што значи „осум“, а се однесува на осум резници на листовите.
Цвета во текот на зимата, а цветовите се ситни, бели и густо собрани. Плодовите се ситни меснати бобини со семе во зелена боја кое со тек на времето добива црна боја. Ова растение добро ја поднесува климата во становите со централно греење. Потребно е да биде поставена на светло место кое ќе биде заштитено од директна изложеност на сонцето.
Собната аралија треба редовно да се залева. Кај постарите растенија неопходно е да се обезбеди потпора на стебленцата кога ќе почнат да се повиваат или пак само да се одрежат на почетокот на вегетацијата – на пролет. Се размножува со семе или со резници при врвот.