
Оваа листопадна грмушка потекнува од Кина, Јапонија и Кореја, но има видови кои успеваат и во Европа. Препознатлива е по жолтите цветови кои се појавуваат пред листовите, но во Азија може да се сретнат и во бела боја, а цвета во март и април. Расте од 3 до 6 m во висина, а листовите се едноставни со должина од 2 до 10 cm.
Најдобро е да ја посадите на сончево место, но ќе и одговора и полусенка. Многу обилно ќе цвета ако ја посадите во богата хумусна земја. Се сади поединечно или во мали групи со други грмушки. Може да се одгледува и како стебло, но тогаш треба да е посадена на идеално место и да ѝ е овозможена многу нега. Ако се посадат повеќе садници една до друга и убаво се обликуваат може да се одгледуваат и како жива ограда.
Полевајте ја редовно, но со мало количество вода. Не ѝ одговара претерано влажно тло, но не сака ни долго да биде без вода.
Форзицијата се кастри во пролет откако ќе процвета, а пред да никнат младите изданки. Ако грмушката е многу густа треба да се скратат и проретчат заплетканите гранки. Така се овозможува доток на повеќе воздух до коренот, а со тоа подобар развој на растението. Ако не се кастри ќе изгледа запуштено, а сувите гранки ќе го забават цветањето.
Размножувањето наједноставно се врши со резници, т.е. млади зелени гранки кои треба се пресечат во доцна пролет по прецветувањето или на крајот на зимата, пред да се појават првите цветови. Резниците треба да бидат долги 20-30 cm, а секоја да има најмалку 4 пупки. По садењето две пупки треба да бидат над земјата. Кога ќе зажилат резниците не треба се пипкаат до периодот на мирување бидејќи пресадувањето тогаш ќе биде најдобро.
Друг начин на размножување е со положени гранки. Потребно е гранката да се свитка, лесно да се спушти на земјата, да се прицврсти со жица и на крај да се прекрие со земја. Целиот процес треба да се одвива внимателно и да не се оштети гранката. Редовно полевајте ја и следната пролет ќе има развиен корен и ќе биде спремна за пресадување.
Може да се размножува и со делење на коренот во доцна есен.