
Индискиот јоргован е листопадно грмушкасто растение кое може да се одгледува и како дрво, а потекнува од Јапонија, Кина и Австралија каде може да порасне до 8 m во висина. Кај нас расте до 3 m. Многу е декоративно со цветовите во бела, розова и пурпурна боја, но и со стеблото со светло кафена кора со црвени и зелени нијанси, прошарана со темно кафени линии. Гранчињата се четвороаголни, а листовите се елиптични, зелени, кожести и мазни. Во есен ја менуваат бојата и се прелеваат од портокалова до црвена нијанса.
Цвета од средина на летото па се до доцна есен. Цветовите се групирани во гроздови долги до 25 cm. По цветањето се создаваат елиптични плодови во темно кафена боја кои се задржуваат на дрвото сè до пролетта.
Освен што е декоративно, ова растение е и едноставно за одгледување. Ако сакате да посадите индиски јоргован во дворот одберете садница која е здрава и свежа, а водете сметка и за видот бидејќи постои вид кој не отпорен на зимски услови, вид со џуџест раст... Овозможете му доволно светло и сончево место кое е заштитено од провев и студени ветрови и плодно дренирано тло. Може да го посадите во текот на целата година.

Во пролет ставете му ѓубриво со продолжено дејство. Бидејќи е најосетлив во првата година од садењето, во тој период редовно полевајте го и прихранувајте го, а ако треба заштитете го од снегови и мразеви.
Кастрете го секоја пролет за да го задржите посакуваниот облик, а и за да го стимулирате цветањето. Одрежете ги ланските изданоци и слабите гранчиња бидејќи цветовите се формираат на овогодишни гранки.
Се размножува со семе или резници. Семето треба да се потопи во вода еден ден, па потоа да се посади на длабина еднаква на пречникот на семето. За да изрти треба температурата да е околу 24°С и доста влага. Може да се размножува и од полудрвенести резници во лето или рана есен.