Ова убаво егзотично растение, познато како стрелиција или рајска птица, на големи површини расте на Канарските острови и Јужна Африка. Поради цутењето на шест до осум цветови на врвот на цветната дршка, која достигнува еден метар, претставува исклучително декоративно растение. Потребно му е повеќе простор, особено во саксиите каде има повеќе корени од ова растение. Цветот потсетува на раширени крила, при што три ливчиња се со портокалова боја, а две со темно сина боја. Може да достигне висина до 1,5 метри, па затоа му одговара висока саксија.
Стрелицијата сака светло, но не и да биде директно изложена на сончеви зраци. Потребно е умерено полевање и тоа кога ќе се засуши земјата во саксијата. Водата не смее да остане во подлошката од саксијата. Најдобро е да се полева со одстојана вода, а не директно од чешма.
Може да се изнесе во лето надвор, кога температурите се умерени, ноќите не се ладни, и нема преголема температурна разлика дење и ноќе. Зиме најдобро е да се држи во стакленик или застаклена тераса, на температура од 13 до 17 степени. Поради цветањето, кое е преку поголемиот дел од годината, потребно и е редовно прехранување со ѓубриво за растенија цветници.
Рајската птица треба секоја година да се пресадува во поголема саксија, во земја богата со хумус и глина, и со малку арско ѓубриво. Корењата се чувствителни, па затоа пресадувањето треба да биде внимателно. Прихранувањето треба да биде еднаш неделно. На дното потребно е дренирање со каменчиња, чакал или парчиња керамика, за да чувствителниот корен не страда од влага. Вишокот вода во подлошката треба задолжително да се истури.
Размножувањето е со семе или со ризоми. Одгледувачите најчесто го размножуваат со делење на бокорот, но најдобро е да се купи пораснато растение, бидејќи ако се сади рајската птица од семе, треба да се чека и до 6 години за да прв пат процвета. Популарно е и во цвеќарите како режано цвеќе бидејќи има убави цветови, а може да остане свежа и до дваесетина дена.