Ова е интересно растение кое доаѓа од семејството Gesneriaceae, чии најпознати
претставници се африканската темјанушка и глоксинијата.
Има повеќе видови на стрептокарпус, и главно сите потекнуваат од прашумите на
Јужна Африка. Еден од поинтересните е хибридот Concord Blue (на сликата), кој има
месести, влакнести, овални, темнозелени листови, густо наредени на стебленце кое е
малку извиткано. Сините цветови растат во пар на нежни стебленца.
Треба да се посади во висечка саксија и да се смести на блага сенка. Редовно
залевајте го за да биде компостот влажен, а бидејќи е на сенка тоа значи од
прилика секој втор ден во лето, а кога температурите не се многу високи и поретко.
Прихранувајте го на секои три седмици со течно ѓубриво за растенија кои цветаат.
Од пролет до есен чувајте го надвор на отворено, а кога температурите ќе почнат
да паѓаат и има опасност од мраз, внесете го внатре, ставете го на светло место без
директно сонце и полевајте го многу малку.
Се размножува со резници кои многу лесно се закоренуваат.