
Ова растение го има во многу станбени и деловни простории. Потекнува од Мексико,
каде расте на неплодна, сува почва и за многу години израстува во стебло. Расте многу бавно,
па затоа поголемите примероци имаат висока цена.
Најмногу обрнете внимание на залевањето. Нолината е сукулент, и стеблото служи за
складирање на вода. Затоа залевајте го еднаш седмично во лето, а во зима уште поретко –
евентуално еднаш на две седмици. Најдобро е да го залеете кога земјата потполно ќе се исуши,
и никако не оставајте вода во подлошката.
Чувајте го на светло и прозрачно место, далеку од провев и директни сончеви зраци кои би
можеле да ги изгорат листовите преку прозорците. Ако во зима се наоѓа во многу загреана
просторија каде и воздухот е сув, повремено оросувајте ги листовите. Идеална температура е 12-
15°C. Кога ноќните температури ќе бидат преку 10°C, може да го изнесете надвор и чувајте го во
полусенка. Тогаш треба да внимавате на дождот, бидејќи премногу влага не му годи.
Пресадете го дури кога корените ќе почнат да му излегуваат од саксијата, отприлика на секои 2-
3 години, но не во преголема саксија. Повеќе му одговараат тесни садови. Внимавајте да има
добра дренажа, за да не се задржува вода во саксијата. Најдобро е да го посадите во саксија од
теракота или керамика, во земја погодна за кактуси (идеален размер е 2 дела песок, 2 дела глина
и 1 дел тресет).
Од мај до септември може да го прихранувате на секои 3 седмици со течно ѓубриво за лисести
растенија, но со многу разреден концентрат (половина од пропишаното количество).
Кога е младо растението, најчесто го продаваат со 2-3 стебленца во саксија. Не ги раздвојувајте,
бидејќи постои опасност од оштетување и габични инфекции на свежите рани, со што би можеле
да угинат.
Еден од знаците дека сте ставале премногу вода е меко стебло, а и листовите пожолтуваат.
Пробајте да го спасите со тоа што ќе го пресадите во нова, сува земја и одрежете го врвот се
додека не дојдете до здраво, тврдо стебло кое ќе го залеете со восок за овоштарници. По некое
време ќе почнат да растат млади листови од страните на стеблото.