
Ова растение раскошно цвета од јуни па сè до доцна есен, а потекнува од централна Африка. Во Европа е одамна одомаќинето, па има многу хибриди кои се подеднакво декоративни. Листовите се влакнести, со назабени рабови, а цветовите како инки во црвена, бела, розова или виолетова боја.
Поставете го на светло место, без директни сончево зраци. Ако го чувате внатре овозможете му добра циркулација и влага на воздухот и редовно проветрувајте ја просторијата. Полевајте го со отстојана или млака вода и тоа по рабовите на саксијата. Листовите не треба да се намократ бидејќи ќе се појават бели дамки кои потоа пожолтуваат и го успоруваат растот на растението.
Во октомври или ноември се завршува животниот циклус, па надземниот дел почнува да вене, а во саксијата ќе останат мноштво ризоми. Тогаш треба да престанете да го полевате и најдобро е да го однесете на некое суво и темно место. Може и да ги откопате ризомите, но нема потреба. Во јануари ставете го на некое топло место за да ја поттикнете вегетацијата и за да почне порано да цвета.
Се размножува со делење на коренот, а тоа може да се направи кога е во период на мирување и на веќе израснато растение. Посадете по неколку ризоми во една саксија за да добиете побогат и разгранет изглед.