Ова убаво растение потекнува од Бразил. Во Европа е донесенo во XIX век
благодарение на францускиот адмирал Louis Antoine de Bougainville по кого и го добилo името.
Тоа е всушност грмушка со трнливи гранки на кои се наоѓаат јасно зелени листови.
Цветовите се мали, бели или жолти, најчесто растат по 3, а нив ги опкружуваат
листовите од врвот на гранчињата кои може да бидат во розова, виолетова, црвена,
портокалова и бела боја. Цвета од јуни до септември.
Во јужните краеви може да се одгледува на отворено и тогаш расте во прекрасна
грмушка која ползи и може да порасне и повеќе од 4 метри. Во северните краеви каде
во зима температурите паѓаат под 2°С се сади во саксија, а гранките се вртат околу
жици за да може во зима без проблем да се премести и да се чува до пролетта.
Ако живеете во краеви каде ќе можете и во зима да ја чувате надвор насадете ја
директно во земја, на сончево место и ставете потпора по која ќе може да расте. Не
сака многу влага, па полејте ја дури кога земјата речиси ќе се осуши. Ако е веќе многу
разгранета, од април до септември полевајте ја еднаш седмично со вода во која сте
ставиле половина од пропишаната доза од течно ѓубриво за растенија кои цветаат. Ако
е растението помладо, прихранувајте го секоја втора седмица. На есен, кога ќе паднат
температурите, ќе ги отфрли листовите. Околу коренот ставете гранчиња или кора
од дрво за да го заштитите од евентуални ниски температури. Во рана пролет може
да ги скратите малку младите гранки, но не претерувајте бидејќи цветовите растат на
дрвенестиот дел од минатото лето.
Ако живеете во крај каде е студено и во текот на зимата ќе ја внесувате во домот, тогаш
посадете ја во саксија која не е многу голема бидејќи повеќе и одговара да биде во
тесно. Земјата нека биде лесна, хумусна со многу тресет. Пресадувајте ја секоја пролет
бидејќи многу ја исцрпува земјата. Внимавајте на дренажата и полевањето бидејќи
водата не би смеела да се задржува околу коренот. Најдобро би било да е посадена
во глинена саксија. Во текот на летото полевајте ја 2-3 пати седмично, а вишокот вода
задолжително одлијте го од подлошката по 10 минути. Кога е во период на мирување
полевајте ја еднаш на десет дена.
Додека е топло (отприлика од мај до октомври) чувајте ја надвор на сончево место, а
кога ќе залади ставете ја во просторија каде температурата е 7-10°С за може да има
период на целосно мирување. Најверојатно ќе ги изгуби листовите, но не се грижете
бидејќи ќе потераат нови гранчиња и ливчиња и тоа веќе во февруари. Тогаш ставете ја
на место каде ќе има многу светло, а уште подобро ако има и малку сонце.
Во рана пролет одрежете ги старите овенати гранчиња, скратете ги новите гранчиња за
3-4 окца (до листот или лисната пупка) и обликувајте ја околу жица забодена во земјата.
Се размножува со резници, но мора де се обезбеди топлина и висока влажност, така да
најчесто не е успешно. Но пробајте во пролет да забодете резница долга околу 10 cm
во комбинација од песок и тресет, поклопете ја со тегла и можеби ќе успее.