
Гузманијата е епифит, што значи дека расте на друго растение, најчесто дрво, а се храни со органскиот отпад кој се собира во вдлабнатината на дрвото. И во домашни услови може да и’ создадете природно живеалиште на гранка или парче дрво кое има дупка. Ќе земете парче дрво со кора, и ако нема природна дупка, направете длабнатина во која ќе ја сместите. Замотајте го коренот на гузманијата со влажен мов, заврзете го со најлонски конец или тенка жица со што би можеле подлабоко да го ставите во дупката (дел од мовта ќе ѕирка од дупката). Цврсто притиснете, и потоа сè заедно заврзете со жица. Гранката или дрвото поставете го така да растението расте вертикално, и свртено кон светлина. Навлажнувајте го коренот на 3-4 дена и редовно орпсувајте го. Секако дека може да ја чувате и во саксија, но да не биде голема бидејќи гузманијата има мал корен.
Таа има зелени сабјести листови, кои благо се свиткуваат и така создаваат розета во која средишно растат листови кои може да бидат црвени, жолти или портокалови. Има и ситни цветчиња, кои траат само по еден ден.
Чувајте ја на светло место. Залевајте ја 2-3 пати седмично во текот на летото, а во зима еднаш седмично освен ако не ја чувате во просторија со централно греење. Тогаш ќе треба да биде почесто. Во средината на розетата секогаш нека има околу 3 cm вода која ќе ја менувате на секои три седмици. Во лето, а и во зима ако е во просторија каде е сув воздухот, оросувајте ја секојдневно. Не треба да се прихранува.
Цвета само еднаш во текот на животот, и тогаш покрај матичното растение растат млади. Нив треба да ги одвоите кога матичното растение ќе почне да пропаѓа. Младите кои имаат коренчиња насадете ги, и повторно ќе имате ново растение кое за две години ќе процвета.