Ако сакате да ја заштитите градината од разни штетници без да употребувате разни хемиски средства, еве неколку совети кои може да ги примените и да го направите тоа на сосема природен начин.
Стапица за голи полжави
Голичите (полжави без куќичка) ги обожуваат салатата и зелката и може да уништат и до 30% од родот. За да ја заштитите градината употребете една тегла која ќе ја закопате до растенијата, но не целосно. Наполнете ¾ од теглата со пиво, најдобро темно, и чекајте наскоро да се наполни со овие штетници.
Лушпи од јајца
Со нив може да го спречите гниењето. Иситнете лушпи од јајца и ставете ги во земјата околу секое растение, блиску до коренот. Калциумот од лушпите полека ќе се разложи во земјата, а коренот ќе го впие.
Млеко и вода
Оваа смеса користете ја за да спречите појава на црни точки и флеки на латиците од ружите. Во две чаши вода додадете една чаша млеко и ставете ја смесата во распрскувач со кој ќе ги оросувате латиците.
Лути пиперчиња
Со нивна помош ќе ги контролирате инсектите, особено лисните вошки, брашнестите бубачки и црвените пајаци. Земете неколку многу лути пиперчиња и испасирајте ги во блендер со 2 чаши вода. Внимателно ставете ја смесата во шише со распрскувач и прскајте ги листовите кои се нападнати, но внимавајте да не се испрскате. Прво испитајте како ќе реагира растението со тоа што ќе испрскате само неколку листови. Ако добро го поднесе, тогаш испрскајте го целото растение. Брашнестите бубачки може да ги избркате и со дафинови листови кои ќе ги наредите околу растението.