
Ова тропско растение потекнува од Јужна Африка. Има големи кожести листови, благо завиени надоле, а од средината излегува 10 cm долго, цврсто стебленце со бел цвет со многубројни жолти прашници. Одлично го поднесува сувиот воздух во становите и нема големи барања, па и почетници може да го одгледуваат со голем успех. Цвета во различни годишни времиња и не ги губи листовите.
Поставете го на јужен прозор, но во деновите кога сонцето е многу јако треба да биде малку засенето. Во лето обилно полевајте го и повремено дохранувајте го, а во зима престанете со дохрана и полевајте го само колку да не се исуши. Подобро ќе презими ако е во просторија каде не се грее, а ако е во претопла просторија листовите може да го изгубат својот облик.
Се размножува од малите луковици кои се развиваат покрај матичното растение. Посадете ги во саксија со полесна земја. Постарите растенија се пресадуваат на секои 3-4 години во нешто потешка земја. Ако младите луковици не се одвојуваат, со текот на годините ќе се развие убаво, големо, многулисно растение. Кога ќе го пресадувате внимавајте да не го оштетите коренот бидејќи може растението да почне да заостанува во развојот.