Цветовите на ранункулот може да бидат еднослојни или повеќеслојни, со мноштво латици наредени во круг, па затоа во некои краеви го нарекуваат и турбан. Цветовите може да бидат бели, жолти, портокалови, црвени, розови или пак да се прелеваат во две бои од работ кон средината, а големи се околу 7 cm.
Постојат вариетети кои се високи околу 30 cm и често се користат во цветни аранжмани и мали, високи до 10 cm кои може да се насадат во саксии или во градината. Цветаат во текот на цела пролет со по неколку цветови. Листовите многу наликуваат на целер. Треба да ги насадите на сончево место, на длабина од околу 10 cm, оддалечени околу 20 cm и да им обезбедите доволно влага.
Во есен, кога листовите ќе пожолтат, се препорачува да го извадите ризомот и да го ставите во песок или тресет, на суво место заштитено од мраз. Посадете го повторно на почетокот на пролетта. Пред садењето ризомот ставете го во вода неколку часа за да се разбуди и полесно да изрти кога ќе го ставите во земја.