Ова растение потекнува од централна и северна Америка. Има дебело стебло на кое растат шилести листови во облик на розета. Расте многу полека, а може да достигне висина од 1 до 3 m. Во природата од розетата може да порасне цветно стебло долго повеќе од 50 cm со многу ѕвончести цветови, но ова се случува многу ретко.
Постојат околу 50 видови, а името дрво на животот потекнува од Индијанците кои го користеле уште пред 2000 години како лек и храна. Видовите кои се одгледуваат во градината немаат стебло туку само долги, тврди, зашилени листови и може да бидат опасни при допир.
Во домот треба да го ставите на сончево место. Во лето може да го изнесете на балконот ако има доволно сонце. Во зима најдобро би било да е во малку поладна просторија, но добро ќе поднесе и повисока собна температура. Во лето полевајте го 2-3 пати седмично и прихранувајте го секоја седмица, а во зима полевајте го еднаш седмично и не го прихранувајте. Иако полевањето треба да биде редовно, а земјата постојано влажна, внимавајте да не претерате со количеството на вода бидејќи тоа може да доведе до заболување на коренот и негово трулење.
Посадете го во голема саксија и пресадете го дури кога коренот ќе ја исполни саксијата. До тогаш доволно е да го заменувате површинскиот слој земја. Пресадувањето обично се врши на секои 2 години, но ако брзо расте може и секоја година. Секогаш на дното на саксијата ставете чакал или парчиња тула за подобра дренажа.
Се размножува од семе, со резници или од млади изданки. Семето се сее во март, на топло и суво место. Кога ќе никне младото растение пресадете го во мала саксија и чувајте го на место без провев. Друг начин е со скалпел или нож да изрежете изданок со 4 листа и парче кора од стеблото. Посадете го веднаш во мешавина од песок и тресет и чувајте го на топло место, на температура од околу 20 степени со повремено полевање.