
Ова декоративно растение се одгледува едноставно, не бара многу нега и само се обновува, цветајќи секоја година. Има силно стебло кое достигнува и 100 cm во височина, сјајни, зелени, издолжени листови во долниот дел и густо збиени листови на врвот на стеблото. Под горните листови се развиваат 6-8 крупни, ѕвончести цветови во жолта до портокалова боја кои се свртени надолу. Цвета во март и април.
Има луковици големи колку тупаница во бледо жолта боја, делумно покриени си лушпи и сплескани на врвот. Се садат на сончево место, во лесно растресита земја, на длабочина 20-30 cm, во јули и август, односно кога растението ќе прецвета и ќе заврши со вегетацијата. Посадете ги долж патеката или оградата на градината или пак како солитер во тревникот, но секогаш во група од 5-10 луковици, бидејќи во помали групи не се постигнува посакуваниот ефект.
Еднаш засадените луковици со минимална нега ќе опстанат 3-5 години, а за тоа време ќе се развиваат и размножуваат. Кога се пресадуваат овие луковици треба прво да се одвои подмладокот кој се користи за размножување, а потоа да се посадат и тоа задолжително на ново место.
Освен со делење на луковицата се размножува и со семе, но поради висечката положба на цветовите тие тешко се опрашуваат, па мора опрашувањето да се изврши по вештачки пат. Семето се сее веднаш по созревањето, а за да процвета растението потребни се 4-5 години нега.
Во доцна пролет треба малку да се поткастри и да се пресади. Младите резници од кастрењето може да се употребат за размножување.