
Кордилина е род од околу 20 видови растенија со сабјести, густо израснати листови во повеќе бои, кои потекнуваат од Австралија, Америка и Азија. За раст и развој им треба светло и топло место, но растат полека, по 10-15 cm годишно. Цветаат само старите растенија, а жолто-белите ѕвездести цветчиња се појавуваат на долго стебленце во текот на летото.
Близок сродник им се драцените, па често ги мешаат. Се разликуваат по коренот, кордилината има бел корен со изданки, а драцената жолт без изданки.
Сите видови кордилина (освен оние со темнозелени листови кои поднесуваат и послаба светлина) бараат многу светлина за да дојде до израз бојата на листовите. Прилагодливи се, па во лето може да ги чувате и надвор, но да не бидат директно изложени на најсилните сончеви зраци кои ќе им ги изгорат листовите. Листовите кои ќе почнат да бледеат или да се виткаат отстранете ги.
Полевајте ги редовно, но умерено преку целата година и оросувајте ги листовите постојано, особено во зима ако се во просторија со централно греење. Не дозволувајте растението да стои во вода, ниту пак целосно да се исуши. Прихранувајте ги еднаш неделно во периодот од март до крајот на август.
Се пресадуваат секоја втора или трета година, најдобро во март или април, во саксија поголема за еден број. Внимавајте да не го оштетите коренот при пресадувањето.