Ова растение ползавец потекнува од Кина и Јапонија, а во XVI век е пренесено во Европа. Денес се познати околу 300 видови клематис, а може да порасне од 2 до 4 m.
Цвета од мај до септември, со цветови во сите нијанси на бела, жолта, виолетова, црвена и сина боја. Во зависност од видот цветовите се разликуваат по големина и облик. Во зима ги губи листовите.
Пред да го посадите потребно е да обезбедите потпора на која ќе расте, а потрудете се потпората да биде оддалечена од ѕидот најмалку 15 cm. Идеално е да го посадите на место со што повеќе сонце бидејќи за успешен раст и развој му требаат 5-6 часа директна сончева светлина дневно.
Садењето започнува во март и трае до мај, или пак во есен. Ископајте дупка длабока 60-80 cm и ставете слој чакал, песок, па тресет. Саксијата со цвеќето ставете ја во вода да стои 10 минути, а потоа врз слојот тресет и обилно полејте ја со вода. Коренот и подножјето на растението би требало да бидат заштитени од директно сонце, па може да поставите некоја декоративна фигура или посадете некое едногодишно растение со слаб корен за да го заштитите коренот на клематисот.
За успешно цветање и одржување битно е кастрењето кое зависи од видот. Видовите кои цветаат рано не се кастрат првата година, а потоа само минимално. Се отстрануваат само сувите и смрзнати гранчиња кои пречат, и тоа по цветањето. Во оваа група спаѓаат Clematis montana, Clematis alpina, Clematis macropetala.
Клематисот со крупни цветови кој рано цвета треба да се кастри на крајот на февруари или почетокот на март на половина од висината. Клематисот кој цвета доцна се кастри во истиот период, на околу 40 cm височина.
За размножување најдобро е да се користат развиени, здрави резници, долги 10-15 cm, во септември или октомври. Најдобро е ако се од врвот. Направете рез под најдолниот лист и отстранете ги листовите од долната половина на резницата. Потоа ставете ја во супстрат за зажилување. Ако веќе имате посадено растение, можно е размножување и со положени гранки. Идеално време за пресадување е од февруари до април.
Во периодот на раст полевајте го обилно, а прихранувајте го еднаш месечно. Не поднесува задржување на водата, па обратете внимание на ова ако го одгледувате во саксија. Земјата мора да биде пропусна и дренирана. Отстранувајте ги и овенатите цветови за да овозможите создавање на нови.
Ако го одгледувате во саксија задолжително заштитете го од мраз во зима. Може да го обвиткате со термо фолија и земјата да ја прекриете со суви лисја.