Ова собно растение ползавец е едно од растенијата кои го прочистуваат воздухот. Во овој род спаѓаат околу 350 дрвенести ползавци, растенија со дебело месесто стебло и некои сукуленти. Најголем број од собните лози потекнуваат од тропските и суптропските предели на Австралија или Јужна Америка.
Гранките на собната лоза се кафеави и обраснати со ретки ситни влакненца, а листовите се сјајно зелени, поединечни, тричлени до петочлени, овални, зашилени на врвот, назабени на рабовите. Цветовите се како венче со четири латици.
Кај нас како собни растенија најчесто се одгледуваат Cissus antarctica (наликува на винова лоза) и Cissus rhombitolia (расте како густа грмушка, има убави декоративни сјајни листови).
Собната лоза поставете ја на северниот или источниот прозорец бидејќи не ѝ одговара пресилно сонце. Во текот на летото полевајте ја два пати седмично, но прво проверете ја влажноста на земјата. Во зима полевањето треба да биде многу поретко, еднаш на две седмици. Ако ја полевате претерано на листовите ќе се појават кафеави дамки кои постепено ќе се шират, а потоа листот ќе се исуши и ќе падне.
Чувајте ја во просторија каде температурата е околу 15°С, а во лето до 20°С. Во периодот на вегетација прихранувајте ја на секои две седмици, но внимавајте растворот да не е прејак. Влажен воздух и одговара, па затоа се препорачува повремено оросување на листовите.
Пресадувањето зависи од нејзиниот раст. Ако ја прерасне саксијата во која е насадена тогаш може да се пресадува и два пати годишно. На почетокот на пролетта скратете ги главните изданки за да го задржи грмушкастиот изглед и густината.
Се размножува на пролет и тоа со млади здрави изданки. Изберете изданок со два пара листови, а пред садењето отстранете го долниот пар листови. Посадете го во мешавина од тресет и песок и добро полејте го со вода. Преку саксијата ставете пластична кеса и чувајте го на температура од 16-18°С. Секој ден проветрувајте го изданокот така што ќе ја тргате кесата на околу 5 минути. Внимавајте земјата да не се исуши. Релативно брзо треба да закорени, а потоа пресадете го во саксија со вообичаена земја за цвеќе. Изданокот може да го чувате и во вода, па откако ќе пушти коренчиња насадете го во саксија.