Петунијата е едногодишно растение кое цвета од мај до доцна есен и може да се
сади во саксии, сандачиња или во градината. Висока е од 15 до 40 cm, во зависност
од видот. Цветовите се во облик на инка, во разни бои: бели, нежно жолти, разни
нијанси на розова, црвена, виолетова, сина, во две бои. Може да бидат едноставни или
назабени на работ, и со многу латици така да личат на каранфили.
Треба да се сади на сончево место во богата хумусна земја. Редовно полевајте ја, во
лето секојдневно, а бидејќи брзо расте треба да се прихранува со течно ѓубриво за
растенија кои цветаат еднаш седмично. Постои и специјално ѓубриво за петунии кое е
збогатено со железо.
Овенатите цветови редовно отстранувајте ги за да се продолжи времето на цветање.
Ако се издолжат стебленцата и на дното останат без листови, слободно скратете ги и
многу брзо ќе се обноват.
Се сее во ‘ртилиште во февруари или март. И треба многу топло место за да из‘рти, од
прилика за дваесет дена. Кога малите растенија ќе имаат по две ливчиња пресадете ги
во лончиња, а на отворено кога ќе помине опасноста од мраз.