
Ова цвеќе сосема го заслужува своето име (magnifica = величествен, прекрасен), а потекнува од тропските краеви, поточно од Филипини. Во своето природно живеалиште, во прашумата, расте како висока грмушка со кожести листови големи и до 30 cm. Измеѓу листовите растат големи цветови во облик на грозд, а природниот период на цветање е од март до август.
Додека цвета може да го ставите внатре, но најсреќен ќе биде во стакленик или на тропски прозорец. Најдобро е да го поставите на светло место, без директно сонце и да му овозможите многу простор.
Од март до август треба да биде на температура од најмалку 22°С, обилно да се полева со млака, омекната вода, да има многу влага во воздухот и редовно да се прихранува со ѓубриво без вар. Поради сувиот воздух може да ја нападнат штетници и да расте многу слабо.
Од октомври до февруари треба да мирува на температура од 15-17°С, да се полева многу малку и да не се прихранува додека не се појават цветните пупки.
Се пресадува во рана пролет, а на секои две години се реже до старото дрвенесто стебло.