Поради обликот на своите листови, алокасијата уште се нарекува и слоново уво. Не е едноставна за одгледување бидејќи ѝ е неопходна влага и многу топлина, но ако негата е правилна таа ќе внесе тропска свежина во просторот.
Поставете ја на место со индиректна светлина бидејќи не ги поднесува директните сончеви зраци, освен во зима. Добро успева и на полусенка, а донекаде поднесува и сенка.
Идеална температура за одгледување на алокасијата е 20 - 25°С во текот на летото. Високата температура и годи и може да порасне многу во летниот период. Во зима ѝ одговара температура повисока од 15°С, а на малку пониска температура влегува во фаза на мирување и престанува да расте. Ако температура на кратко се симне до -3°С може да преживее, но ако е долго на помалку од 10°С ќе угине. Листовите на ладно може да отпаднат.
Супстратот треба да биде растресит, добро дрениран и плоден, со голем процент на хумус. Полевајте ја редовно со отстојана вода бидејќи од тврдата вода на листовите може да се појават дамки. Во текот на летото супстратот треба да постојано малку влажен, па полевајте ја еднаш до два пати седмично. Во зима супстратот треба да биде посув, а полевањето на секои две седмици.
Бидејќи на алокасијата ѝ одговара многу влага во воздухот, се препорачува бришење на листовите со влажна крпа или пак ставете камчиња во подлошката на саксијата. Прихранувајте ја од март до октомври со течно ѓубриво за лисести растенија, на секои 2-3 седмици.
Додека е мала пресадувајте ја во рана пролет, во саксија поголема за два броја, во растресит супстрат. Се размножува најчесто со делење на ризомот, а за да се закорени потребно е температурата да биде 25-28°С, воздухот богат со влага, добар супстрат и полевање со мека вода.