
Кливиата потекнува од јужна Африка. Нејзините листови изгледаат како водоскок кој извира од саксијата. Сабјести се, секогаш зелени, и во парови растат симетрично од задебелениот месест корен. Во пролет израснува и стебло, високо до 80 cm, на кое растат цветови во облик на инка и може да бидат бели, портокалови, црвени или со линии.
Потребна и е многу светлина, но не трпи директно сонце. Подобро успева на северната или источната страна бидејќи има многу светлина и слабо утринско сонце. Не и одговара да ја преместувате од место на место. Во зима најмногу и одговара температура 8-12°С, а кога ќе почнат да се јавуваат младите пупки температурата треба да биде 15-18°С за да може цветот целосно да се развие.
Најчеста грешка во одгледувањето на кливиата е залевањето. Таа не сака многу вода. Додека е во фаза на мирување, одржувајте ја едвај влажна. Залевајте ја на секои две седмици, а може и поретко. Најдобро е да ја пипнете земјата, и дури кога е сува да ја залеете. Никако не оставајте вода во подлошката. Пред да процвета може малку да и ги оросувате листовите, а во топлите денови залевајте ја еднаш седмично.
Додека расте, прихранувајте ја на секои две седмици. Кога ќе почне периодот на мирување и ќе престанат да растат листовите, веројатно во јули, престанете да ја прихранувате.
По завршување на цветањето потребно е да ги отстраните цветните главички, за да не троши од својата снага за созревање на семето бидејќи следната година нема да цвета. Освен тоа, ако се одгледува од семе новото растение ги губи карактеристиките на матичната билка, а за да процвета ќе му требаат 3 години. Затоа кога ќе овенат цветовите и стеблото ќе почне да се суши, одрежете го на дното.
Најчесто по цветањето растат млади растенија. Може да ги оставите во истата саксија, со што за неколку години ќе добиете голема грмушка со многу листови и цветови, но може и да ги одвоите од матичното растение. Најдобро е тоа да го направите кога младото растение ќе има најмалку 4 листови и развиен корен. Насадете го во мешавина од тресет и песок, а подоцна кога ќе се обликува мало задебелување на коренот, во обична мешавина на земја.
Додека е млада, пресадувајте ја кливиата на секоја година, најдобро по цветањето. Повеќе и одговара да расте во тесни садови, па затоа пресадувајте ја во само малку поголема саксија. Подоцна, кога ќе остари, менувајте го само површинскиот слој на земја.