Ова собно растение го добило името по еден англиски градинар. Има меснати, зелени
листови, долги 5-8 cm и бели ѕвездести цветови со црвена точка во средината кои се
групирани. Цветовите имаат благ мирис и додека цветаат испуштаат течност слична на
мед. Периодот на цветање започнува на почетокот на јуни и трае до есен.
Мора да му овозможите потпора на која ќе расте, а во текот на годината може да
порасне и половина метар.
Не смее да ја менувате положбата на саксијата, особено додека е полна е со пупки и
цветови, бидејќи ќе ги отфрли. Секако одбегнувајте и провев.
Во периодот на раст сместете го на светло место, а нема да му пречат и час-два
утринско или вечерно сонце (источен или западен прозорец, подобро западен). Во
периодот на мирување ставете го во постудена просторија (околу 10°С).
Полевајте го умерено и дозволете малку да се исуши компостот во лето. Во зима
полевајте го еднаш на две седмици. Овозможете му добра дренажа, и по можност
насадете го во земјена, а не во пластична саксија.
Прихранувајте го во периодот на раст на секои 3 седмици.
Немојте често да ги пресадувате старите растенија, бидејќи најверојатно нема да
цветаат следната година. Инаку, растението почнува да цвета кога ќе има 2-3 години.
Никако не ги кинете цветните стапчиња на цветовите кои прецутеле, бидејќи на тие
места ќе израснат цветови и следната година.
Се размножува со резници долги 8-10 cm (нека имаат и дрвенест дел) кои може да ги
ставите во вода. Кога ќе пораснат коренчиња пресадете ги во компост.