Калатеата е повеќегодишно растение со елипсести или издолжени листови во бела, зелена и виолетова боја и нивните нијанси. Потекнува од Јужна Америка, има повеќе видови, а некои и цветаат, но декоративните листови се причината поради која ја одгледуваме во домот.
Најмногу и одговара температура од 16 до 20°С, а во зима не поднесува температура под 15°С. Неопходно е да ја полевате со млака, мека вода која е отстојана.
Бара голема влага во воздухот и затоа треба секојдневно да ги оросувате листовите, но со млака вода.
Може да ја ставите саксијата над сад со вода за да ја зголемите влажноста, но саксијата мора да остане сува. Чувајте ја подалеку од сончева светлина и грејно тело.
Пресадувајте ја редовно, еднаш годишно, и тоа најдобро во јуни или јули, а прихранувајте ја на секои 2 седмици. Се размножува со делење на коренот во март и април.
Ако листовите почнат да се свиткуваат тоа значи воздухот е сув, а ако добијат исушени флеки значи дека биле изложени на јако сонце. Ако е земјата многу сува тогаш на рабовите на листовите се појавуваат кафеави траги.
Во овој случај целата саксија натопете ја во млака, мека вода во која има додадено течно ѓубриво за земјата убаво да се натопи. Оставете ја да исцеди од вишокот вода и вратете ја на нејзиното место.