Афеландрата е род од неколку стотини видови на растенија кои потекнуваат од тропска Америка. Ова атрактивно повеќегодишно растение се одгледува поради интересните шари на листовите и необичните цветови. Расте како грмушка и цвета од јуни до октомври со жолти цветови кои кај некои видови може да бидат од портокалови до црвени.
На подрачја со блага клима може да се одгледува и на отворено, но ќе и годи ако е на затворено или во стакленик. Ако ја одгледувате во домот, засадете ја во добро дрениран супстрат од градинарска земја, компост и тресет. Поставете ја на многу светло место, но не на директно сонце и внимавајте температурата во просторијата да не падне под 10°С. Може да користите и средство за сјај на листовите.
Полевајте ја два пати седмично во текот на летото, а во зима еднаш на десет дена. Ако не ја полевате доволно листовите ќе почнат да паѓаат. Дохранувајте ја на секои 15 дена со течно ѓубриво за растенија со украсни листови.
Се размножува со избои и резници кои може да бидат млади или од делови од стари гранчиња. Пресадувајте ја секоја година откако ќе заврши со цветањето доколку видите дека нема доволно простор во саксијата.