
Орхидејата уште од минатото претставува симбол за убавина и љубов и за многумина таа е кралица на цвеќињата. Цвета во речиси сите комбинации на бои. Има повеќе од 750 родови на орхидеја и повеќе од 30.000 хибриди. Секој вид бара различни услови за одгледување, па внимавајте кога ќе одбирате орхидеја да и одговараат условите во вашиот дом.
Поставете ја на светло место, но не на директно сонце. Бојата на листовите ќе ви покаже дали местото е погодно. Здравото растение има светло зелени листови, па ако листовите почнат да паѓаат или станат темно зелени или жолти сменете го местото. Видови на кои им одговара послаба светлина и кое се погодни за чување на северна или источна страна се Paphiopedilum, Phalaenopsis i Oncidium, а видовите Cattleya, Dendrobium и Vanda треба да ги ставите на потопло и поосветлено место. Од мај до септември може да дојде до „горење“ на листовите, па ќе треба да ја тргнете малку подалеку од прозорецот.
Најдобра температура е од 18°С до 30°С. Студениот воздух може да предизвика опаѓање или пожолтување на листовите. Многу и одговара и влажен воздух.

Полевајте ја секогаш наутро за да не се создаде кондензација која може да предизвика трулење. Во зима полевајте ја еднаш, а во лето два пати седмично. Ако е посадена во глинена саксија ќе треба да полевате почесто. Најдобро е да употребувате дождовница или отстоена вода на собна температура бидејќи не и одговара вода со хлор, а премногу ладна или топла вода може да ја оштети.
Пресадувајте после цветањето, најчесто на пролет, на секои 2-3 години. Повеќе и одговара мала саксија и земја која е мешавина од мов, кора од дрва, листови, корен од папрат и овозможете и добра дренажа. Ако ја посадите во голема саксија може да се забави растењето бидејќи ќе почне повеќе да се развива коренот. Цветната дршка се сече на пола сантиметар над третиот зглоб.
По цветањето следува период на мирување кој трае, во зависност од видот, од неколку недели до неколку месеци и тогаш треба многу малку да ја полевате. Има видови на кои листовите ќе им паднат во овој период и нив треба да почнете да ги полевате дури кога ќе се појават нови листови.