Ова трајно растение – сукулент, потекнува од Мексико. Поради својата издржливост и можноста за опстанок и во најтешки услови го носи латинското име Sempervivum – „секогаш живо“. Во минатото се сметало дека куќата на чиј кров расте ќе биде заштитена од удар на гром, па од таму и народното име.
Успева на малку земја, најмногу му одговара сончево место, но многу добро поднесува и високи и ниски температури. Отпорно е на суша бидејќи ливчињата се полни со резерва на вода. Расте насекаде, меѓу камења, на карпи, на различни видови земја. Единствено на што треба да внимавате е да не го полевате премногу. Тоа е можеби единствениот начин да угине.
Има дебели меснати листови во зелена, бордо или виолетова боја кои завршуваат со зашилен врв и растат како розета со дијаметар од 5-15 cm. Во лето може да се случи од розетата да израсне цветно стебло долго до 40 cm, покриено со мали лушпести ливчиња, кое на врвот завршува со поголем број на розово-вилетови ѕвездести цветови наредени во густ грозд. Откако ќе порасне плодот, розетата од која израснал ќе угине, но бидејќи се размножува вегетативно, преку страничните изданки настануваат нови розети кои развиваат и корен и стануваат посебни растенија. Само одвојте ги од матичното растение и насадете ги на друго место.
Чувар куќа има многу лековити својства и главно се користи во народната медицина.