
Лилјан или крин е име на голем број на луковичести растенија кои се популарни и омилени во
сите краеви на светот. Со нивно вкрстување добиени се видови кои се лесни за
одгледување и одлично успеваат засадени во градината или во саксија. Ги има од
најмали, високи 35-40 cm, па се до 2 метри и повисоки, на кои треба внимателно да се
одбере местото за садење.
Цветот на лилјанот има 6 латици, а ги има во речиси сите бои, еднобојни или во
комбинација со 2-3 бои. Цветовите растат на врвот од стеблото (ако ви се чини
превисоко стеблото, никако не го кратете) и може да ги има од 2 до 20 цветови со
дијаметар од 3, па се до 30 cm. Многу видови имаат многу интензивен мирис, толку јак
што на некои луѓе им пречи и предизвикува главоболка.
Сите лилјани освен белиот Lilium candidum може да се садат во есен или рана пролет,
на длабочина од околу 15-20 cm, на сончево или делумно осенчано место. Земјата нека
биде добро дренирана. Најдобро е на дното на дупката во која ќе ја садите луковицата
да ставите малку покрупен песок, па луковицата на која сте ги рашириле корењата
посипете ги со песок, па дури тогаш ставете ја земјата. Lilium candidum треба да се
сади поплитко, т.е. луковицата да биде прекриена со околу 5 cm земја, во октомври
и ноември, пред да стигнат првите мразови. Ако е зимата блага, луковиците нема да
смрзнат освен ако се насадени во земја која е многу тешка и непропусна, па може да
загнилат. За секој случај, при јака зима заштитете ги со слој од гранчиња и суви лисја.

Во периодот на раст и цветање сакаат многу влага, па редовно полевајте ги. Кога
цветовите ќе овенат, отстранете ги бидејќи ќе ја исцрпат луковицата хранејќи го
семето, а растенијата кои ќе се размножат од семе нема да бидат исти како матичното.
Листовите и стеблото оставете ги да пожолтат, па потоа отсечете ги.
Лилјаните најдобро е да се размножуваат во есен со одвојување на млади луковици
од матичната. Така ќе добиете растенија кои се исти. Новите растенија ќе пуштат цвет
дури втората година.
Многу се благодарни и како режано цвеќе во вазна. Пред да го ставите во вода,
отстранете ги листовите кои би биле потопени, а стеблото одрежете го косо со долг,
остар рез. Кога цветовите ќе се отворат тргнете го прашниците, бидејќи таму каде ќе
падне полен може да останат дамки. Менувајте ја водата секојдневно.