Ова растение со прекрасни цветови потекнува од тропските краеви на Јужна Америка. Има околу 40 видови, а најчесто се одгледуваат 2 вариетета. Dipladenia sanderi има розови цветови со пречник до 8 cm, a Dipladenia boliviensis има бели цветови со изразен мирис.
Бразилскиот јасмин е ползавец, па затоа треба да му обезбедите потпора како решетка, ѕид, греда или нешто слично. Може да порасне до 3 m. Листовите му се со изразено зелена боја, овални со зашилен врв, кожести и растат по два долж стеблото. Цветовите се трубести најчесто розови, но може да бидат и во бела, жолта или црвена боја и траат околу две недели.
Се одгледува во градината и во топлите краеви може да презими и надвор. Со правилно орежување се одгледува и како грмушкасто собно растение. Почнува да цвета на пролет, но најмногу цветови има во текот на жешките летни месеци. Има потреба од многу светлост, но не смее да биде изложено на директно сонце.
Полевајте го три пати седмично во текот на летото, најдобро со млака вода, а во зима доволно е еднаш седмично. Ако за кратко време порасне премногу, треба да го пресадите.
Ако му обезбедите соодветна нега ќе успеете да го сочувате и следната година. Во доцна есен пресадете го во поголема саксија и сместете го во потопол простор од надворешниот, но да не се грее. Идеално би било да го сместите во подрум.
Се размножува со резници кои откако ќе ги одрежете треба да ги потопите во топла вода. Потоа ставете ги на песок или камчиња за да се зголеми влажноста, а да не бидат во директен контакт со вода.