Влакнестата традескантиа се одгледува едноставно како и другите видови традескантии, но по своите карактеристики повеќе наликува на сукулент. Потекнува од сувите подрачја на североисточно Мексико.
Има препознатлив и карактеристичен изглед. Листовите се наредени еден спроти друг, а целото растение е прекриено со бели влакненца кои го штитат од директните сончеви зраци и прекумерно испарување. Стебленцата достигнуваат до 30-40 cm, а ливчињата се меснати, во овална форма, долги 3-7 cm. Во лето на врвот на стебленцата се појавуваат ситни трилисни цветчиња во розово-виолетова боја.
Во топлите места се одгледува на отворено преку целата година, но бидејќи не поднесува температура под 10°С кај нас се одгледува како собно растение. Во лето може да го извадите во градината или на тераса. Поставете го на светло место, но не директно силно сонце. Полевајте го умерено додека е во период на раст, а во зима земјата нека биде речиси сува. Никогаш не го оросувајте.
Се размножува од семе, со делење на растението во пролет или од резници. Резниците треба да бидат долги 5-8 cm, посадете ги во песоклива земја и брзо ќе закоренат. Земјата нека биде добро дренирана и 1/3 до 1/2 составена од крупен песок.