Латиците на овој цвет навистина потсетуваат на слама, а може да бидат во цел спектар на бои, од бела до виолетова. Постојат високи и ниски видови, од 30-90 cm. Цвета од јуни до септември.
Се сее директно во земја во март или април, на сончево место. Ако младите растенија никнале прегусто, треба да се разредат на околу 20 cm оддалеченост за да може убаво да се развиваат. Земјата може да биде и обична од градината, но да е добро дренирана.
Во убавината на цветовите на ова растение може да уживаме во текот на целата година. Прво во градината, а потоа во зимата во суви цветни аранжмани. За да се сочуваат цветовите за во зима, потребно е да се одрежат стеблата пред да се отвори цветот, додека е уште пупка, а тој постепено ќе се отвори додека се исуши целосно. Најдобро е да се режат на пладне, кога е сонцето високо, бидејќи тогаш имаат најмалку влага во себе. Стеблата треба да се исчистат од листовите на дното. Направете букети кои ќе ги заврзете и ќе ги ставите да се сушат свртени наопаку. Треба да ги сушите на воздух и не на директно сонце бидејќи цветовите ќе избледат.