Ова декоративно растение е многу едноставно за одгледување, но многу често не е
омилено поради интензивниот мирис. Може да се сади самостојно, во мешани насади,
во камењар или во саксии. Сака сончево место и лесна, малку песоклива земја и не
бара многу влага.
Луковиците се садат во текот на октомври за да може да закоренат до првите мразеви.
Се садат како и сите останати луковици, на длабочина од 2,5 до 3 пати од височината
на луковицата и на растојание од околу 15 cm. Добро поднесуваат ниски температури,
па не е потребно да се вадат од земја.
Се размножува со делење на грутките од луковици на есен, но секоја трета година.
Исто така ако не ги наберете цветовите, семето многу лесно се разнесува со ветер.
Постојат многу вариетети со различни височини, а цветаат од пролет па до доцно лето.
Еве неколку најпопуларни вариетети:
- Џиновски декоративен кромид (lat. Allium gigante), достига височина од 130-150 cm, а
цветните главички се топки со дијаметар од околу 10 cm. Најчесто е во виолетова или
боја на јоргован, а цвета од половината на јуни до август.
- Ирански (lat. Allium aflatunense), висок е 60-70 cm со сребрено-виолетови цветни
главички, цвета во мај и јуни, а неговите цветови се многу погодни за режење и може да
се употребуваат во свежи или суви цветни аранжмани.
- Ѕвездест (lat. Allium christophii), со понизок раст, 20-25 cm па може да се сади на
почеток на градината, во камењар или во саксии. Исто така има цветови погодни за
режење, а цвета во јуни и јули.
- Златен (lat. Allium moly), исто со понизок раст од околу 20 cm, цветовите му се во жолта
боја. За разлика од останатите, малку е поосетлив па бара повеќе влага и полусенка.