Аспарагус (lat. Asparagus plumosus, Asparagus sprengeri)
Asparagus plumosus
Ова растение со нежни, ситни, иглести ливчиња е всушност едноставно за одгледување. Траба само да му овозможите доволно влага во воздухот. Во просториите каде има парно греење не ужива, но потребата за влага може да му ја надоместите со редовно оросување и со поставување на камчиња во подлошката.
Asparagus sprengeri
Во лето залевајте го секој трет ден, а во зима, доколку го чувате во просторија каде температурата не е баш висока, еднаш седмично.
Поставете го на полусенка или на светло место, но не на директно сонце, а во лето слободно изнесете го надвор.
Прихранувајте го еднаш месечно со вода во која сте додале ѓубриво за собни лисести растенија.
Пресадете го кога коренчињата ќе почнат да излегуваат од површината на земјата. Повеќе му одговара да расте во малку простор, па затоа никогаш не го пресадувајте во преголема саксија.
Се размножува со делење на коренот или со семе. Семе се всушност белите топчиња кои се појавуваат на гранчињата по ситните бели цветови. Мора да почекате да поцрвенат и малку да се смежуркаат. Од ова семе ќе изникнат млади стебленца по 3-4 месеци. Бидете стрпливи.