Има повеќе видови од ова растение, а наједноставнaта поделба е на едногодишни, повеќегодишни за во градина и повеќегодишни за во камењар.
Од едногодишните видови најчесто се сади Phlox drummondii, а разликуваме низок (15-20 cm) и висок кој може да достигне до пола метар. Имаат мали цветови со по 5 латици кои се споени во поголеми цветни главички и може да бидат бели, жолти, розови, црвени, виолетови... а најчесто во средината имаат потемна точка. Цветаат од јуни до септември и најдобро успеваат на сончево место.
Кај трајните видови најпопуларен е Phlox paniculata кој може да достигне висина до 120 cm, па затоа не го садете на ветровито место и обезбедете му потпора. Се сади на сончево место или во лесна сенка. Бара плодна почва и редовно полевање и најдобро е да го малчирате во доцна пролет. Обилно цвета од јуни до септември, но задолжително отстранувајте ги овенатите цветови. Кај овој вид цветовите се во уште побогата палета на бои, а постојат и вариетети со шарени листови.
Во доцна есен, кога растението целосно ќе прецвета, одрежете го стеблото на неколку сантиметри од земјата.
Се размножува со делење на коренот во рана пролет.
Phlox subulata е висок околу 10 cm и може да го посадите во камењар. Цвета во април и мај, цветовите му се мали (1 cm во пречник) и го има само во бела, светло розова и розова боја. Лесно се одгледува и брзо расте. Му треба сончево место и добро дренирано тло.
Се размножува со резници во рана пролет.
Во камењар може да го насадите и нискиот едногодишен вид Phlox drummondii, кој ќе почне да цвета кога Phlox subulata веќе ќе прецвета.