
Тревата пампас потекнува од Јужна Америка и Источна Азија. Растејќи, оваа трева создава висок бусен со ширина од 2,5 m. Нејзиното цветно стебло завршува со метличка со должина од 40-50 cm во бела или розова боја, а листовите се зелени, тесни и долги околу 1 m.
Како и секоја трева, не е тешка за одгледување. Таа е мочуришно растение што значи дека има потреба од многу вода. Составот на земјата каде расте не е толку битен, но секако подобро ќе се развива на плодна почва. Во пролет почнува да расте, а цветањето започнува во есен.
Се сади од семе или многу поедноставно може да се размножува со делење на коренот. Сеењето се врши од крајот на зимата, па се до јуни. Семето само се втиснува во земјата, нема потреба да се прекрива со неа. Најдобро е да не се полева туку да се прска со вода, а додека никне идеална температура би била од 22°С. Откако ќе никне следи пресадување во градината. Бидејќи брзо се шири, ќе и треба се повеќе и повеќе простор. Тоа може да се реши со делење на коренот и пресадување, и тоа најдобро во пролет пред почетокот на вегетацијата.
Иако има потреба од многу влага сепак не треба да се претерува. За подобар развој не треба да се сади на земја која не е подложна на подземни води. Најмногу и одговара сончево место без многу ветрови.
Најмногу нега треба да и посветите пред зимата бидејќи мора да биде заштитена од мразот. На крајот на есента соберете ги сувите листови во градината и групирајте ги околу пампасот. Со тоа ќе ја заштитите од ветер. Листовите врзете ги и покријте ги со хартиена вреќа, а потоа ставете подебел слој земја долж работ. Во април тргнете ја заштитата, скратете ги листовите на 10-30 cm и чекајте да се појават млади листови.