Ова едногодишно растение потекнува од Јужна Европа, има околу 80 видови и повеќето се од Средоземјето. Листовите се долгнавести, а цветовите ситни, групирани во грозд и може да бидат бели, розови, црвени, виолетови... Мирисаат на мед, па од таму и името.
Зависно од видот расте од 5-30 cm во височина и најчесто се користи како цветен покривач на градината под високите растенија. Може да го посадите и во камењар, на работ на патеката, во жардиниери или висечки саксии.
Најмногу му одговара сончево место, но добро успева и во полусенка.
Се размножува со семе кое се сее во февруари на затворено, а кога ќе никнат младите растенија се расадуваат и најчесто се садат по три во еден сад. Пред расадувањето најмногу му одговара температура од 15-18°С, а подоцна ставете го на отворено бидејќи најмногу му одговара температура од 10-12°С и светло место.
Може да се сее директно во градината кога ќе помине опасноста од замрзнување.
Му одговара варовита, умерено влажна и хранлива почва со добра дренажа. Не сака многу често полевање.
За да цвета подолго треба редовно да се отстрануваат овенатите цветови, а понекогаш треба малку и де се „потшиша“. Многу брзо повторно ќе го добие грмушкастиот изглед и ќе продолжи со цветање. Цвета до доцна есен, па дури и кога ќе почнат мразеви.