Татковина на ова растение е Мадагаскар, но многу брзо се прилагодува и на други територии, благодарение на својата отпорност. Најчесто цвета од рана пролет, па сè до доцно лето, со мали цветчиња во црвена или жолта боја. Стеблото е сукулентно, прекриено со мали влакненца. На растојание од 3-4 cm на стеблото растат трнчиња, а измеѓу нив светлозелени ливчиња.
Има потреба од многу светлина и може да издржи директно сонце и сув воздух, а не поднесува премногу вода. Во лето ставете го надвор, на балконот или во закопано во градината, а на есен кога ќе почнат постудените денови внесете го внатре. Во зима може да го чувате во просторија со централно греење без проблем.
Внимавајте колку го полевате со вода, особено во зима кога мирува. Ставете малку вода, само еднаш седмично, колку да не се исуши коренот целосно.
Се размножува многу едноставно, со резници во пролет. Внимавајте да не исечете премногу млади резници бидејќи постои можност да изгнијат. Посадете ги во рамномерна мешавина од песок и земја, а по неколку седмици, кога резницата добро ќе закорени, одрежете и го врвот за да поттикнете раст на странични гранчиња и овозможите формирање на грмушка. Кога ќе ја пресадувате или режете резницата, користете ракавици, бидејќи белото млеко кое се лачи од растението е отровно.
Ако во текот на зимата му паднат ливчињата, веројатно му е ладно или сте претерале со водата. Но многу лесно ќе пушти млади гранчиња, само оставете го да се исуши малку. Не го преместувајте многу, бидејќи менувањето на положбата исто така може да предизвика опаѓање на ливчињата.